Бугарскиот претседател Румен Радев вели дека Република Северна Македонија треба да покаже дека навистина сака да биде дел од обединета Европа со тоа што ќе ги исполни сите барања што ѝ ги поставува ЕУ, исто како што било за секоја земја членка.
„Мојата порака до претседателот на Република Северна Македонија е дека Бугарија час поскоро очекува промена на реториката и конечно да престане со јазикот на омразата. Позитивен знак е што претседателот на Република Северна Македонија покажал желба за ваква средба“, изјави Радев.
Радев вели дека поради набиената програма организирана до минута, бугарската делегација не можела да се сретне со делегацијата на Македонија, која престојува во Рим и е предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Во однос на тоа дали ќе има средба наскоро, Радев истакна дека очекува, а потоа и ја покани Силјановска во Бугарија.
„Сметам дека желбата на Република Северна Македонија за дијалог е позитивен знак. Само преку дијалог ќе ја зајакнеме меѓусебната доверба, ќе ги решиме сите спорни прашања и ќе ја отвориме вратата на РСМ кон ЕУ. Се надевам и мој апел е дека оваа средба ќе се случи час поскоро. На ред е претседателот на РСМ, ако не се лажам, да дојде во Бугарија“, изјави Радев.