Македонија

Распишана национална потерница по Исмет Гури

Распишана национална потерница по Исмет Гури

Со потерница низ цела држава се бара Исмет Гури откако вчера први и ексклузивно објавивме дека тој не е достапен за полицијата на адресата пријавена за куќен притвор.

Обвинителката Ивана Трајчева за Скопје 1 потврдила дека по поранешниот функционер на ДУИ, а потоа член на фракцијата „Огнената група“, е распишана потерница.

Тој е еден од осомничените во истрагата која се водеше против 15 лица кои се сомничат за даночно затајување, злосторничко здружување и перење пари, избегал од куќен притвор.

Судот го ослободил од издржување на затворската казна и времено му ја заменил со домашен притвор поради примање на редовна терапија за здравствените проблеми кои ги имал.

Во случајот е опфатен и неговиот син.

Исмет Гури, заедно со Ејуп Алими, на 14 јули минатата година добија затворски казни од по три години и шест месеци од Основниот кривичен суд-Скопје во повтореното судење за случајот „Титаник 3“ за уништување изборен материјал.

Повтореното судење следуваше по првата првостепена пресуда, но Апелацискиот суд Скопје ја укина таа одлука и го врати случајот на почеток.

Алими и Гури за „Титаник 3“ добија обвинение во јуни 2017 година за делото уништување изборен материјал – се товареа дека на локалните избори во 2013 година менувале дел од записниците за гласањето во Чаир.

Гури беше истакнат активист на ДУИ, а по одделувањето на Изет Меџити се придружи на Демократско движење.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни