Македонија

Реконструкција на случајот – „Саздо го загуби животот по удар со глава во метална кутија“, велат од одбраната

Од судница, случајот за убиството на Никола Саздовски се пресели на местото на настанот. Таму, три часа беше илустрирано како всушност дошло до трагичниот настан.

Обвинетите Бесир Беља и Скендер Демири, со лисици на рацете, детално го опишаа настанот. Тие упатувајќи ги движењата на статистите и сведоците, на местото на настанот, детално ја објаснија нивната теорија за тепачката меѓу нив и Саздовски која заврши со убиство. Одбраната останува на ставот дека не е вистина дека ударите од страна на обвинетите се причина за смртта на Саздовски.

„Од сите сведоци, но и од самите обвинети се покажа дека починатиот Никола Саздовски го загубил животот по ударот на  глава во кутија  од ЕВН. Сите се согласија дека имало удар и дека со задниот дел од главата удрил во кутијата. Практично овде не може да стане збор ниту за убиство ниту за кривично дело “убиство“, туку за школски пример на насилство со смртни последици“, изјави Насер Рауфи – адвокат на обвинетите.

Адвокатот на починатиот Саздовски, Ванчо Шехтански ги отфрли тврдењата на одбраната. Според него, исказите на обвинетите биле контрадикторни и останува на ставот дека Саздовски бил држен додека лежел на земја,а ударите од страна на обвинетите дека се причина за смртта.

Според обвинението од Обвинителство, Беља, Демири и Љужа кој е во бегство, на 29 јуни минатата година, го претепале Саздовски до смрт, на автобуската станица во населбата Автокоманда во Скопје. Инаку, адвокатот на одбраната, Насер Рауфи додаде дека тие како одбрана ќе поканат овластени лица од ЕВН да објаснат дека металната кутија е всушност наполнета со пластика.

РЕПОРТЕР: АРМЕНД ГАШИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни