РЕЦЕПТ: Црни палачинки со необичен фил

Сите сакаат палачинки, а во оваа верзија се уште повкусни! Мешавината од чоколадо и кисело сирење ги прави совршено освежувачки.

Состојки:

  • 60 гр чоколадо (55% какао)
  • 2 лажици путер
  • 3 поголеми јајца
  • 45 гр шеќер
  • 1/4 лажичка сол
  • 320 мл млеко
  • 1/2 лажичка ванилин шеќер
  • 2 лажици какао
  • 150 гр брашно

Друго:

  • рикота или кремасто младо сирење
  • 3 мандарини
  • шеќер

Подготовка:

Во мало тенџере на тивок оган растопете ги путерот и чоколадото со постојано мешање. Во поголем сад изматете ги јајцата, додадете шеќер и сол и мешајте додека смесата убаво не се соедини. Истурете го млекото и ванилиниот шеќер и повторно мешајте додека не се соединат. Лесно измешајте ја смесата со какаото и брашното и мешајте додека смесата нема грутки. Полека сипете ја растопената чоколада со постојано мешање.

Оставете ја смесата да отстои најмалку половина час или преку ноќ во фрижидер (смесата пред печење треба да биде на собна температура). Печете ги палачинките на путер и наполнете ги со рикота измешана со шеќер и кришки мандарина.