Македонија

Родителите на загинатите во „Пулс“ на средба со обвинителите – бараат појаснување за обвинението

Родителите на загинатите во „Пулс“ на средба со обвинителите – бараат појаснување за обвинението

Денеска во Кочани се одржува затворена средба меѓу родителите и блиските на починатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ и обвинителите од Основното јавно обвинителство. Средбата се одржува во Мултикултурниот центар, без присуство на медиумите, по иницијатива на семејствата кои на саботниот „Марш за ангелите“ побараа јасно објаснување за поднесениот обвинителен акт.

На средбата присуствуваат четириесетина родители и роднини на жртвите кои во обраќањето на маршот порачаа дека како лица директно засегнати од трагедијата, заслужуваат целосна и транспарентна информација за текот на истражната постапка.

„Ние не сме правници, не го разбираме обвинението. Побаравме јасно, детално да ни се објасни кој е опфатен со обвинението, против кого се води постапка, а кои се изземени од одговорност и зошто“, порачаа родителите.

Тие побараа Обвинителството да покаже поголема отвореност и отчетност кон семејствата, бидејќи болката што ја носат не смее да биде дополнително продлабочена со правна нејаснотија или административна затвореност.

Трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ се случи на 16 март оваа година, одзеде 62 животи и повреди околу 200 лица. Случајот предизвика силна реакција во јавноста и покрена бројни прашања за безбедносните протоколи и одговорноста на институциите.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни