Полицијата можела и морала да спречи да се одржи концертот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сметаат родителите на загинатите, кои изнесоа сериозни забелешки за постапувањето на полициските службеници во ноќта на трагедијата.
Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Александар Наунов и Томче Стојанов изјавија дека навремената институционална реакција можела да спречи многу од околностите што довеле до катастрофата.
Според нив, концертот бил јавно најавен, а полицијата имала информации за неговото одржување.
Стојанов посочи дека институциите требало да утврдат дали објектот ги исполнува законските и безбедносните услови пред воопшто да дозволат да се одржи настанот.
„Според нас, родителите, за таа вечер најголема одговорност има полицијата со нејзините пропусти, затоа што требало да не дозволи да се одржи концертот“, изјави Стојанов.
Родителите ги коментираа и сведочењата во судската постапка, според кои дел од подготовките за полициската контрола биле договарани телефонски, без соодветна писмена документација.
Тие сметаат дека ваквиот начин на организација отвора сериозни прашања за координацијата и професионалноста на службите.
Дополнително, посочија дека требало навреме да се проверат бројот на присутни лица, влезот на малолетници, користењето пиротехника и безбедносните услови во објектот.
Родителите нагласуваат дека помошта што полициските службеници ја давале по избувнувањето на пожарот не може да биде замена за претходната превенција.
„Секој хуман човек што се нашол таму помагал. Но, тие требало да го спречат тоа, да не дозволат да дојде до катастрофата“, порачаа гостите.
Според нив, од клучно значење е судската постапка да утврди дали навременото и законско постапување можело да ја спречи трагедијата во која животите ги загубија 63 лица.