„Рокот на ВЛЕН за Уставот не е ултиматум“ – Мицкоски: Зошто францускиот предлог да нема додаток?

Шестмесечниот рок за уставните измени кој го споменуваше коалицијата „Вреди“ не претставува ултиматум за учеството во Владата. Ова го истакна министерот за европски прашања Орхан Муртезани, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, кој неколкупати повторуваше дека тој не работи со рокови и ултиматуми. Министерот Муртезани во неодамнешно телевизиско гостување изјави дека очекува решение за уставните измени до декември годинава.

„Тоа беше тема којашто беше разговарана во текот на формирањето на Владата, без тоа да биде ставено на маса како ултиматум, туку како грижа за да се забрза интеграцијата на земјата во Европската Унија.“, рече Муртезани.

„Ставот наш го знаете го знаете, го слушнавте и ставот од министерот за европски прашања.“, вели Мицкоски.

Премиерот Мицкоски повтори дека се работи на изнаоѓање решение за евроинтегративниот пат, но за тоа очекува стабилна политичка Влада во Бугарија, со која би се отворил дијалог меѓу двете земји за деблокада на евроинтегративниот процес.

„Ние сме соседи, треба да градиме добрососедски односи. Впрочем, ние имаме еден таков договор, а тоа е Договорот за добрососедство и тој треба да биде основа за да можеме да продолжиме понатаму. Овие додатоци од типот на „француски предлог“, може да имаат додаток уште еден – „француски предлог плус“, изјави Мицкоски.

Од друга страна, бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов претходно истакна дека меѓу двете земји треба да се отвори дијалог, но не и нови преговори за нешто што е веќе договорено.