Македонија

Романец се изгубил при самостојно движење кај Матка, надлежните го пронајдоа

Романец се изгубил при самостојно движење кај Матка, надлежните го пронајдоа

Во 21:55 часот, преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, во Центарот за управување со кризи (ЦУК) беше примен повик од странски државјанин од Романија, кој се изгубил при самостојно движење во реонот на Матка, во близина на пештерата Врело, на подрачјето на Општина Сарај.

Веднаш по приемот на пријавата, ЦУК ги презеде сите неопходни активности и ги извести Министерството за внатрешни работи (ЦИК Скопје), Дирекцијата за заштита и спасување и Црвениот крст на Република Северна Македонија, со барање за нивно вклучување во потрагата.

Преку континуирана комуникација со изгубеното лице, операторите на ЦУК успеаја да ја утврдат неговата приближна локација врз основа на координатите и податоците од повикот на 112, по што тие беа доставени до ЦИК при МВР за полесно и побрзо лоцирање.

На лицето му беше дадена јасна инструкција да не се движи од местото каде што се наоѓа, бидејќи поради ноќта, непристапниот терен и дезориентацијата, тоа претставувало најбезбедна опција и воедно овозможувало полесно спроведување на потрагата.

Од страна на МВР – ЕВР Ѓорче Петров и Полициската станица Сарај, во координација со ЦУК, веднаш беше организирана теренска потрага. Поради непристапноста на теренот од страната на Матка, спасувачката екипа до местото се упати преку Националниот парк Јасен.

Во потрагата, со теренско возило, активно се вклучи и директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, како поддршка на полициските екипи.

Во 03:45 часот лицето беше успешно пронајдено. Иако било видно испаничено и дезориентирано, било во стабилна здравствена состојба. По пронаоѓањето, беше пренесено во Полициската станица Сарај, каде што Министерството за внатрешни работи презема понатамошни мерки согласно своите надлежности, имајќи предвид дека станува збор за странски државјанин.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни