Свет

Руските сили стигнаа до уште еден клучен град на фронтот

Руските сили стигнаа до уште еден клучен град на фронтот

Руските сили влегоа во предградието на градот Торецк во источна Украина, кој се наоѓа на линијата на фронтот, соопшти доцна синоќа украинската војска, помалку од една недела откако падна блискиот град Угледар, пренесе Ројтерс.

„Ситуацијата е нестабилна, борбите се водат буквално на секој влез (во градот)“, изјави за украинската телевизија Анастасија Бобовникова, портпарол на оперативно-тактичката група Луганск.

„Русите влегоа во источната периферија на градот“, рече таа.

Русија, која моментално контролира нешто помалку од една петтина од украинската територија, од август напредува кон градот Торецк, освојувајќи село по село со пешадија, потпомогната од зголемената употреба на високо деструктивни наведувани бомби.

За Украина, Торецк е град на фронтот веќе 10 години, бидејќи е блиску до украинските територии кои ги зазедоа сепаратистите поддржани од Русија во 2014 година. Оттогаш, тој стана бедем за утврдувањата на Киев.

За Москва, заземањето на градот, познат до 2016 година како Џержинск по Феликс Џержински, основачот на поранешната советска тајна полиција, ќе го доближи рускиот претседател Владимир Путин до освојување на Донбас, забележува Ројтерс.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни