Во Амбасадата на САД во Северна Македонија вечерва свечено беше одбележана 249-годишнината од американската независност.
Во присуство на бројни гости, партнери и пријатели на САД, беше одбележан 4-ти јули – Денот на независноста на Соединетите Американски Држави.

Амбасадорката на САД, Анџела Агелер во својот говор рече „свесна сум дека во овој дел од светот 249 години не прават млада енергична нација“.
-Основните идеали врз кои е изградена нашата држава се стремежот кон слободата, самоуправување и заштита на неотуѓивите права. Стремежот кон посовршен сојуз. Тој стремеж ја повикува секоја генерација да се издигне, да се стреми кон повеќе и да се обликува иднина достојна на тие ветувања, без разлика на предизвиците па дури и кризите. Оваа година одбележуваме 30 години дипломатски односи – 30 години пријателство меѓу Соединетите Американси Држави и Република Северна Македонија, вели Агелер.

На приемот присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, како и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, вицепремиерот Изет Меџити, претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот за транспорт, Александар Николоски и други високи функционери на Владата.
