Македонија

Сали со Марта Кос во Брисел: Во фокусот европската интеграција и спроведувањето на реформите

Сали со Марта Кос во Брисел: Во фокусот европската интеграција и спроведувањето на реформите

Постепеното приближување на Северна Македонија кон европскиот пазар, програмите и политиките, како и спроведувањето на реформите потребни за напредок кон Европската Унија, беа меѓу главните теми на средбата во Брисел меѓу првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, и европската комесарка за проширување, Марта Кос.

Разговорот се одржа во рамки на работната посета на Сали на Брисел, а во фокусот беа европската перспектива на земјата, новите насоки во политиката на проширување на ЕУ, спроведувањето на Реформската агенда и можностите за забрзана и постепена интеграција.

Сали го поздрави Соопштението на Европската комисија „Preparing for a Wider Union“, оценувајќи дека е важно процесот на проширување да биде попредвидлив, заснован на заслуги и мерливи резултати.

„Европската интеграција не треба да остане само политичка перспектива. Таа треба да се преточи во реални можности за нашите граѓани, економијата и бизнисите. Реформите што ги спроведуваме треба постепено да нè приближуваат кон пазарот, програмите и политиките на Европската Унија“, истакна Сали.

На средбата биле разгледани и активностите во рамки на Планот за раст за Западен Балкан и спроведувањето на Реформската агенда. Министерот ја потврдил посветеноста на земјата на реформите во владеењето на правото, јавната администрација, дигитализацијата, енергетиката и зголемувањето на економската конкурентност.

Посебен акцент бил ставен на конкретните придобивки што постепената интеграција може да ги донесе за граѓаните и компаниите. Меѓу нив се учеството во Единствената област за плаќања во евра (SEPA), можноста за проширување на моделот „Roam Like at Home“, како и продлабочувањето на соработката во дигиталната трансформација.

На разговорите била отворена и темата за идната Повеќегодишна финансиска рамка на Европската Унија за периодот 2028–2034 година. Според Сали, важно е таа да обезбеди стабилна и предвидлива поддршка за земјите кандидати, со јасно утврдени цели и резултати.

Во рамки на посетата во Брисел, еврокомесарката Марта Кос даде и посебно интервју за претставници на медиумите од Северна Македонија, со што беше овозможена директна комуникација за процесот на проширување и европската перспектива на земјата.

Од Министерството за европски прашања посочуваат дека остануваат посветени на соработката со европските институции, со цел спроведување на реформите и претворање на европската интеграција во конкретни придобивки за граѓаните.

Ноќно студио

Најнова епизода

Петровска: Побаравме оставка од Филипче, нема разлика во цената за „Леонардо“ | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни