Намалување на бројот на возила, старите возила и возилата кои користат дизел, се препораките кои беа упатени од последната критична маса во Битола. Битолчани имале велосипедски клуб уште пред 112 години, а денес сѐ уште сонуваат да добијат соодветни велосипедски патеки.
„Да инвестираат во алтернативни форми на транспорт. А подоцна рестриктивни мерки за намалување на прво бројот на возила во Битола, второ уделот на стари возила и уделот на возила кои користат дизел“, вели Виктор Илиев од „Критична маса“.
Нема точен број колку велосипедисти има Битола, но затоа пак се знае дека има околу 25.000 моторни возила, што е една третина од вкупниот број на жители. Во градот нема функционери и директори кои со точак одат на работа, но има битолчани кои и рано наутро на работните места стигнуваат со точак.
„Апсолутна бројка на возила во последните 15 години е во постојан пораст, исто така и на државно ниво и на локално. Во Битола во моментов над 25.000 возила имаме во нашиот град кои што се регистрирани, исто така возилата по глава на жител, нагло расте има 197 на 1.000 жители возила кои што е прилично голем раст“, додава Илиев.
Иако Општина Битола објави оглас за субвенционирано купување на велосипед, битолчани искористиле само 60% од планираните еден милион денари. Само 193 битолчани ја искористиле субвенцијата од 3.000 денари, а средствата овозможуваа да им се даде надомест за купен велосипед на над 330 лица.
Од локалната власт велат дека останатите средства ќе се искористат за субвенција на печки на пелети.
„Дел од парите кои останаа за субвенционирање на велосипеди, ќе бидат пренаменети во субвенционирање за печки на пелети, со што ја продолжуваме нашата борба или нашата желба за почист воздух во Битола“, вели Валентин Груевски – претседател на Совет на о. Битола.
Сепак, за да расте бројот на велосипедисти, потребно да има и велосипедски патеки. Дел од битолчани сметаат дека мерката ќе имаше поголем успех доколку не беше во зима. На листата на лица кои добија субвенции се и советниците Ристенка Алтипармакова од ДОМ и Иван Чулаковски од независната група Поинаку. Алтипармакова рече дека аплицирала за да даде личен пример, а Чулаковски по критиките на опозицијата рече дека ќе се откажел од субвенцијата и парите ќе ги донирал во Домот за доенчиња. Тие не зафатија ничие место, зашто апликациите на сите граѓани што поднесоа уредна документација беа прифатени.
РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ
