Македонија

Савески за „Алта банка“: Не реков дека е рано за истрага, предистражната постапка е тајна

Савески за „Алта банка“: Не реков дека е рано за истрага, предистражната постапка е тајна

Државниот јавен обвинител Ненад Савески, на надзорната расправа за „Алта банка“ во Собранието, ги отфрли толкувањата дека кажал оти е рано за истрага. Тој нагласи дека не може да зборува за постоење или непостоење предистражна постапка, бидејќи таа е тајна.

„Јас не кажав дека е рано. Морам да ве коригирам“, рече Савески, одговарајќи на пратеничките прашања.

Тој посочи дека почитувањето на тајноста на предистражната постапка е негова законска обврска и побара разбирање и од пратениците и од граѓаните.

Според Савески, Обвинителството постапува секогаш кога ќе утврди елементи на кривично дело, независно од тоа кој јавно го повикува да реагира.

„Секој што сторил кривично дело треба да одговара пред законот“, порача тој, додавајќи дека законите важат подеднакво за сите.

Во текот на расправата беше прашан и дали ќе биде покренато обвинение против премиерот Христијан Мицкоски за наводно давање лажен исказ на надзорната расправа. Савески не се изјасни за основаноста на тоа обвинување, туку ги повика сите што располагаат со докази да ги достават до надлежното обвинителство.

„Доколку имате докази за какво било сторено кривично дело од кого било, доставете ги до надлежното јавно обвинителство“, рече Савески.

Тој објасни дека по предметот постапува јавниот обвинител на кого му е распределен и кој треба да донесе соодветна одлука.

Пратеникот Бране Петрушевски, пак, праша дали е потребно воведување посебни кривични дела за намерно загрозување на стабилноста на банкарскиот сектор и предизвикување страв и паника преку лажни информации. Во прашањето тој ја обвини СДСМ дека со јавните настапи за „Алта банка“ го загрозува банкарскиот систем.

Савески одговори дека донесувањето закони е надлежност на Собранието и дека пратениците можат да предложат такво решение. Притоа нагласи дека не сака неговиот одговор да се толкува како прејудицирање конкретна одговорност.

Лажните вести, според него, се сериозен општествен проблем, но мора да се разгледа границата меѓу кривичната одговорност и слободата на изразување. Тој посочи дека во Кривичниот законик во моментов не постои посебната кривичноправна заштита за која беше прашан.

„Секогаш кога Јавното обвинителство ќе утврди дека во нечие однесување се содржани елементи на конкретно кривично дело што се гони по службена должност, јавниот обвинител нема избор, мора да постапи“, порача Савески.

Ноќно студио

Најнова епизода

Кој ги следи студентите? Ноќно студио со Анастасија Павловска 10.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни