Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски го „мести“ раководителот на смена на граничниот премин „Блаце“, обвинуваат социјалдемократите. Ова следува откако Тошковски, за граничните пропусти со свадбената поворка на спикерот Африм Гаши, најави дека одговорноста ќе ја бара од раководителот. Според СДСМ, тој не е извршителот во скандалот, а Тошковски го штител новиот началник.
„Според нашите информации, наредбата ја издал новоназначениот началник на Центарот за гранични работи – Север, Наим Рамука. Согласно информациите кои ги добивме, еден час пред да поминат Гаши и сватовите, Наим Рамука заради наводна контрола, дошол на граничниот премин. Во суштина, Рамука дошол за да го обезбеди поминувањето без контрола на Гаши и сватовите.“, рече Кузеска.
СДСМ бара да се декласифицираат снимките од преминот „Блаце“ за да се види кој се поминал без никаква контрола. Воедно, тие повикаа Тошковски да даде оставка, а Обвинителството да покрене детална истрага за настанот.
„Безбедноста на границите ни е нарушена, а граничната контрола целосно суспендирана и ставена под партиска команда на ВЛЕН и ДПМНЕ. Ова е недозволиво и опасно за државата членка на НАТО.“, вели Кузеска.
Министерот Тошковски претходно потврди дека Гаши, заедно со сватовите, ја минале границата без да бидат заведени во системот за контрола на патници од страна на граничните полицајци, иако, како што додаде, спикерот уредно го известил МВР за преминувањето на државната граница со Косово.
Прашан дали после новите случувања, ВМРО-ДПМНЕ ќе го промени ставот и ќе ја поддржи интерпелацијата за Гаши, која беше покрената поради инцидентот на скопскиот аеродром, премиерот Христијан Мицкоски одговори – „не“.
„Начинот на којшто тој се однесува како спикер во Парламентот, како ги води седниците и сето тоа што таму се случува, навистина претставува сериозно различно однесување од тоа што го правеше неговиот претходник.“, изјави Мицкоски.
Од Кабинетот на Гаши нема реакција за утврдените пропусти на граничниот премин „Блаце“.

