СДСМ и ДУИ ги усогласуваат програмите – сѐ уште никаде не се спомнува „премиерот Албанец“

И денеска продолжија преговорите меѓу СДСМ и ДУИ за коалиција во 4 наредни години. Денешната средба се одржа на ниво на генералните секретари кои, како што пишува во соопштенијата на двете партии, ги усогласуваат партиските програми за да излезат со заедничка програма за работата на идната Влада.

„Откако двете партии ги утврдија коалициските принципи и определби на евентуалната идна заедничка Влада, денес се работи на усогласување на победничките изборни програми на двете партии и на создавање на четиригодишна програма за работа на идната Влада, во целост посветена на економијата, правдата, еднаквоста и интеграциите“, велат од СДСМ-ДУИ.

ТВ21 според сознанијата до кои дојде од извори кои се директно вклучени во преговарачкиот процес, вчера извести дека СДСМ и ДУИ веќе постигнале начелен договор, за кој денеска информираа и самите партии.

„Во тек е и распределбата на одговорностите според ресори во идната коалиција, процес во кој се постигнати добар напредок и начелни согласности. Двете партии се обврзаа да предложат соодветни, подготвени, чесни и способни кадри кои ќе ја реализираат програмата во целост за време на полн четиригодишен мандат“, додаваат од партиите.

Освен зборовите кои оставаат простор да се дојде до заклучок дека преговорите течат добро, во соопштенијата на СДСМ и ДУИ никаде не се спомнува прашањето за премиер Албанец.

Од она што вчера ТВ21 го дозна од свои извори, прашањето за премиерот се преговара меѓу претседателите Заев и Ахмети. Истиот извор открива дека сѐ уште нема конечен договор за идниот премиер. Вели дека СДСМ не попушта, а ДУИ настојува. Од друга страна пак, партиите водат преговори и за тоа како ќе се пласира во јавноста работата на премиерот Албанец, ако евентуално биде постигнат договор.

.

Извор: ТВ21