За утре е договорена средба на координаторите на пратеничките групи и други претставници на парламентарните партии на која ќе се разговара за заклучоците што треба да бидат разгледани и усвоени од Собранието, брифираат од СДСМ.
„Овие разговори не се поврзани со содржината на преговарачката рамка. Потсетуваме, Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ веќе одамна јавно одбија учество во работните групи иако им беше понудено. Очекуваме одговорност од сите политички партии“, велат од партијата.
Претходно, ВМРО-ДПМНЕ информираше дека ќе се формираат работни групи меѓу политичките партии, кои ќе работат на предлог забелешките на преговарачката рамка, која е предложена.
Предлогот, според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, е во тие работни групи помеѓу политичките партии да бидат по двајца преставници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, по еден од ДУИ и Алијанса и уште еден од помалите парламентарни политички партии.
„Првата средба се очекува утре. Ваквиот процес доаѓа по повикот на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски да се разговара за измени кои предлогот ќе го подобрат и да се вметнат забелешките кои се на текстот кој е на штета на државните и национални интереси. Позициите на ВМРО-ДПМНЕ и забелешките кои ќе бидат дадени ќе ги одразуваат позициите кои Мицкоски ги соопшти по средбата со Ковачевски“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што велат, предлогот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во насока на заштита на идентитетот, јазикот но и отргнување од бугарските мегаломански барања врзани со негирањето на историјата.