Еден ден откако министерката за образование Весна Јаневска рече дека просветните работници ќе добијат повисоки плати во март идната година наместо сега во септември, од СДСМ се јавија со критики, велат дека власта треба да ги покачи платите сега и тоа за 12 проценти. Според Даниела Николова пратеничка на СДСМ иако ВМРО-ДПМНЕ претходно ветуваше поголеми плати сега од позиција на власт одбегнува да ги зголеми платите во образованието.
„ДПМНЕ ги изневери наставниците! Тие нема да добијат зголемување на платите за 12% во месец септември. Министерката Весна Јаневска неколку пати соопшти дека Владата не може да обезбеди пари за зголемување на платите на наставниците. Владата со неоправдани и нерационални образложенија избегнува да ја реализира оваа обврска кон просветните работници. Во изминатите години ДПМНЕ ветуваше поголеми плати, поттикнуваше штрајкови, иако платите на наставниците секоја година се зголемуваа.“, рече Николова.
Министерката Јаневска вчера беше категорична дека нема пари за 12-процентно покачување на почетокот на учебната година бидејќи наследиле празен буџет, а Министерството периодов имало трошоци за учебници, превоз на учениците и доградба на училиштата.
„Јас сум убедена затоа што знам што е наставник дека ќе имаат разбирање , сме им ветиле во првата година, за оваа Влада , првата године е од јуни до следниот јуни , во првата година тие секако ќе добијат зголемување , и јас велам дека во март ќе добијат зголемување што е можно повеќе , колку што ќе дозволи буџетот“, рече Јаневска.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак денеска излегоа со став дека Министерството прифатило две од трите барања на студентите меѓу кое и бруцошите да можат да аплицираат за студентски оброк.
„Зголемен ќе биде износот на студентскиот оброк и оваа мерка нема повеќе да претставува потчинување на студентите, туку ќе биде реален износ кој ќе помага а воедно и ќе го олесни животот на студентите. Дополнително, мерката за стипендии за студии од втор циклус ќе се отвори за студентите со завршени три годишни студии од прв циклус кои не можеа до сега да аплицираат за истата мерка, која можностите ќе ги усогласи за повеќе од 1000 студенти кои студираат на факултети каде студиите се во траење од 3 години“, рече Сергеј Попов од УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку уписот на студентите за додипломски студии на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ започнува на 29 и 30 овој месец. Од Министерството за образование најавија формирање на Комисија која ќе изврши ревизија на работењето на приватните факултети, а доколку се утврди неправилно работење и ако некој факултет биде затворен тогаш студентите ќе бидат префрлени на други факултети кои што работат законски.

