СДСМ: Рамадани не избегал, бил пуштен!? Мицкоски: Ако имаат докази, зошто прашуваат?

Полициско-партиски структури го организирале бегството на Блерим Рамадани, обвинува опозициската СДСМ. Според социјалдемократите, поранешниот припадник на ОВК ја преминал двапати границата со Косово без никаква контрола, а притоа наводно бил се уште во куќен притвор. Од СДСМ прашаа дали станува збор, не за бегство, туку за организирано пуштање на затвореникот во Косово во кое учествувале македонските институции.

„Дали е точно, дека на 10 август, кога Рамадани бил во куќен притвор, тој всушност си бил на Косово? Дали е точно дека на тој ден околу 18 часот и 40 минути, Рамадани со возило, без да биде застанато на границата, бил однесен на Косово и доцна вечерта вратен во куќниот притвор во Македонија? Дали е точно дека на 14 август, односно дента кога е избеган Рамадани, тој ја напуштил државата на ист начин со службено возило на државна институција?“, прашува Митко Трајчулески од СДСМ.

СДСМ им даде 24 часа на МВР и Владата да дадат одговори, а во спротивно ќе ги објавеле сите информации што ги поседуваат. Премиерот Христијан Мицкоски ги оцени овие наводи како интриги со кои се одвлекува вниманието од, како што додава, партискиот судија – Пајазит Пајазити, кој одлучи Блерим Рамадани да биде во куќен притвор.

„Ако имаат докази, ако знаат дека е така, зошто се во прашална форма? Нека излезат со тврдење, па ќе видиме како тоа ќе заврши.“, вели Мицкоски.

Мицкоски вели дека немало разговори со српските власти на темата, а претходно официјален Белград го оцени бегството на Рамадани како скандалозно и побара објаснување од Скопје. Во меѓувреме, Кривичниот суд реши Рамадани да не биде есктрадиран во Србија, но последниот збор ќе го има Врховниот суд, чија одлука, неофицијално, ќе биде донесена до крајов на неделава.