Македонија

СДСМ: Со молитвата, Гаши ја наруши секуларноста на државата – ВМРО-ДПМНЕ: Собранието не е и не смее да биде место за организирање обреди

СДСМ: Со молитвата, Гаши ја наруши секуларноста на државата – ВМРО-ДПМНЕ: Собранието не е и не смее да биде место за организирање обреди

Од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ реагираат на настанот за одбележување на Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница, кој се одржа денеска во Собранието.

Реакцијата е во однос на молитвата.

Според СДСМ, претседателот на Собранието Африм Гаши ја нарушил секулраноста на државата, што е непочитување и на Уставот.

„На верските обреди не им е местото во македонското Собрание ниту во било која државна институција. Претседателот на Собранието Африм Гаши, инаку коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ со овој чекор ја наруши секуларноста на државата, тоа е не почитување на Уставот. СДСМ повикува надлежните институции да постапат и за овој случај да има одговорност“, велат од СДСМ.

Се огласија и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ од каде велат дека ги почитуваат сите религии и религиозни обреди, но сакаат да истакнат дека Собранието не е и не смее да биде место за организирање на било какви религиски обреди, бидејќи Македонија е јасно определена според Уставот како секуларна држава.

„Во нашата земја нема место за религиозни ритуали во државните институции, ниту пак, државата има право да се меша во работата на верските заедници. Во врска со настанот со кој се одбележа геноцидот во Сребреница, каде што еден од учесниците ја злоупотреби поканата и организираше исламска молитва во оваа државна институција, изразуваме најостра осуда. Апелираме да не се политизира туѓата несреќа и да се собираат ситни политички поени врз несреќата на илјадници други луѓе. Со оваа постапка не им се оддава почит на жртвите од Сребреница, туку напротив, ова претставува тешка злоупотреба на оваа трагедија заради прибирање на политички поени. Трагедијата од Сребреница треба да биде потсетник за важноста на мирот и почитувањето на човековите права, а не повод за непотребни конфликти и подели“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни