СДСМ остро се спротивставува на плановите за укинување на „недела неработен ден“, што го оцени како директен удар врз работниците, нивното достоинство и нивниот животен стандард. На прес-конференција, потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, ги критикуваше политиките на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски.
„Во изминатите шест месеци сведочиме на погазување на стекнатите права на работниците, уривање на нивното достоинство и намалување на животниот стандард. Работниците се соочуваат со економска несигурност, платите стагнираат, а додека сè поскапува, не можат да си дозволат ниту основни производи за празниците,“ изјави Костова.
Таа додаде дека укинувањето на „недела неработен ден“, воведено од СДСМ за да им овозможи на работниците слободен ден за одмор и време со семејствата, е мотивирано од интересите на големите трговци и бизнис партнерите на владата.
„Оваа политика беше поздравена од граѓаните и работниците, а сега е доведена во прашање под притисок на трговците и бизнис интересите на власта,“ нагласи Костова.
Таа предупреди дека ваквата одлука ќе има сериозни последици за општеството, особено во време кога се зголемуваат семејните предизвици и социјалните девијации како булингот во училиштата.
СДСМ повика ДПМНЕ да престане со сервилноста кон елитата и да започне да работи во интерес на народот. „Ние како партија остануваме на страната на работниците, бранејќи ги нивните права и достоинство,“ порача Костова.
СДСМ најави дека ќе продолжи со заложбите за заштита на правата на работниците и ќе се спротивстави на секоја политика која ги загрозува нивните интереси.