Започна асфалтирањето на дел од булеварот Благоја Тоска кај касарната во Тетово. Но овој пат нема да биде асфалтиран до крај поради имотно правни проблеми. Поради ова, од општината велат дека булеварот ќе биде отворен 80 отсто и дека нема да биде асфалтиран делот кој го поврзува со регионалниот пат Тетово-Јажинице.
„Не сега, само две третини се завршени. 80% од патот е асфалтиран, не е отворен до крај, но асфалтирањето на останатиот дел ќе продолжи многу наскоро. Во моментот кога ќе ги завршиме со експропријацијата, ќе се врши и асфалтирањето на останатиот дел“, вели Бесарта Рамадани, портпарол на Општина Тетово.
Инаку, во февруари годинава градоначалникот на Тетово Билал Касами рече дека во договор со жителите асфалтирањето ќе се врши до крај.
„Булеварот ќе биде завршен до крај како што е предвидено во урбанистичкиот план. Излеговме и разговаравме со сите жители, во договор со жителите, до крај овој проект ќе се реализира без пречки и во соработка со граѓаните од овој дел“, изјави Касами.
Според договорот, овој булевар требаше да биде готов во мај, додека пред неколку недели жителите велеа дека не можат да ги отворат прозорците поради прашината. Скоро секој градоначалник досега отворил некој дел без воопшто да го доврши во целост проектот.

