Од рано утрово екипи ја чистат зградата каде треба есенва да се смести новото министерството за енергетика предводено од министерката Сања Божиновска. Подзаборавениот објект се наоѓа спроти хотел „Бристол“ и почна да се гради во 2013 година, кога првичната идеја беше таму да се смести ЕСМ поранешно ЕЛЕМ.
Неофицијално објектот се нарекува Палата на Зевс поради неговата статуа на кровот.
Досега, изведувачите неколку пати го пробиваа рокот за изградба, но иако завршена, зградата не се користи со години.
Минатиот месец на владина седница Службата за општи и заеднички работи, СОЗР добила задача да ја оспособи палатата за потребите на новото министерство.
Објектот до сега не се користеше, бидејќи важи за еден вид дивоградба зашто при конструкцијата се направиле бројни промени од одобрениот план. Пречката за вселување требаше да се надмине со несудениот закон за легализација на 50.000 дивоградби, што тогашниот претседател, Стево Пендаровски го стопираше во 2021.

