Министерството за внатрешни работи истражува дали зад долгогодишниот феномен на питачење на улиците стојат организирани криминални структури, а доколку тоа се докаже, ќе следуваат строги кривични пријави. Ова вечерва го најави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во гостувањето во поткастот „На кавга со Иван“ на Канал 5 телевизија.
Одговарајќи на прашањето за повозрасните лица кои секојдневно се забележуваат на крстосниците во смени, Тошковски беше дециден дека надлежните служби веќе постапуваат и дека нема да се толерира злоупотребата и профитирањето преку оваа појава:
„За тие се преземаат соодветни дејствија согласно одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата во делот на загрозување на сообраќајот… А за дел, каде што ќе докажеме дека се дел од организирана криминална група — а има основани сомненија дека имаме и таква — ќе бидат поднесени кривични пријави по друг член од Кривичниот законик“, изјави Тошковски за поткастот „На кавга со Иван“ на Канал 5 телевизија.
Министерот откри дека од 1 октомври официјално е започната засилена координативна акција на МВР и Министерството за социјална политика, демографија и млади, со цел конечно системско решавање на проблемот со питачењето во Скопје. Додека за организаторите и возрасните прекршители фокусот е ставен на кривична одговорност и законски санкции, примарен таргет на институциите се децата кои се жртви на оваа појава.
Сите затекнати малолетници на терен веднаш се носат во Детската клиника Козле за здравствени прегледи, по што Центрите за социјални работи донесуваат решенија за нивно сместување. Како дел од овој план е обезбеден и дел од објектот „25 Мај“ во Општина Бутел, каде досега институционално се згрижени две деца, додека надлежните тимови продолжуваат со секојдневни контроли на крстосниците низ главниот град.