Се празнува Светиот великомаченик Теодор Тирон: Чудата кои ги правел оставаат без зборови

Според Црквата денеска е ден посветен на Светиот великомаченик Теодор Тирон.

 

„Тирон“ значи „регрут“. Штотуку светиот Теодор беше стапил во војска, во Мармаритскиот полк, во градот Амасија, започна гонењето на христијаните под царевите Максимијан и Максимин.

Со оглед дека тој не сакаше да крие дека е христијанин, го подложија на суд и го фрлија во затвор, заклучен и запечатен. Во затворот му се јави Самиот Христос велејќи му: „Не плаши се, Теодор, Јас Сум со тебе, не земај веќе овоземна храна и пијалак, зашто ќе бидеш во другиот живот, вечниот и неминливиот, со Мене на небесата“.

При ова, се јави мнозинство ангели во затворот и сиот затвор заблеска прекрасно, а затворските стражари ги видоа ангелите облечени во бело и мошне се уплашија. Потоа свети Теодор беше изведен и осуден на смрт. Го фрлија во оган и Му ја предаде својата душа на севишниот Бог. Пострада во 306 година.

Инаку во чест на Светиот великомаченик Теодор Тирон се празнува и Тодорова сабота, а тоа е првата сабота од великиот пост.

 

Овој ден се празнува во спомен на едно чудо што го направил св. Теодор Тирон околу 50 години по неговото заминување.

Имено, еднаш, непосредно пред почетокот на велигденскиот пост, византискиот цар Јулијан Отстапникот сакал да им напакости на христијаните и наредил храната што се продавала по пазарите да се испрска со крвта на жртвите што им се принесувале на римските идоли.

Меѓутоа, св. Теодор Тирон на јаве му се појавил на цариградскиот патријарх и му кажал да им забрани на христијаните да купуваат храна од пазарите, зашто таа ќе биде осквернавена со крв и наместо тоа, цела недела да јадат пченица со мед.

Патријархот така постапил и христијанските верници отанале неиспоганети пред нивниот најголем празник. Во спомен на овој настан, првата сабота од велигденските пости е наречена Тодорова сабота.

Со празникот Тодорова сабота се поврзани и други обичаи и верувања. Во Гостиварско пченката што ја враќале од црквата утрото на самиот празник ја носеле во полето и ја фрлале по нивите и бавчите велејќи: „Господе, колку зрна, толку тоари, толку дар и бериќет да ни даеш”.

Очигледно е дека иако празникот Тодорова сабота или Тодорица е пред се црковен празник, иако повеќето од обичаите се изведуваат во црквата и се поврзани со споменот на Свети Теодор Тирон, особено житото, сепак, во овој празник се вградиле и голем број пагански обичаи поврзани со доаѓањето на пролетта и со разбудувањето на вегетацијата.

На овој ден се вари пченица во која се додава малку мед и оние кои постат задолжително јадат од тоа.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното