Македонија

„Се стресе земјата и куќата“ – сведоштва од Влае по пукнувањето на водоводната цевка

„Се стресе земјата и куќата“ – сведоштва од Влае по пукнувањето на водоводната цевка

Скопјани утрово повторно имаат вода, но снабдувањето сè уште е со намален притисок, по вчерашниот голем дефект во населбата Влае, кога поради пукната водоводна цевка значителен дел од градот остана без вода.

„Одеднаш слушнавме силна експлозија, земјата и куќата се стресоа. Помисливме дека е земјотрес. Кога излегов надвор, видов дека целиот дел од улицата е разурнат, а парчиња асфалт летнале на сите страни. Потоа се појави огромна дупка – пукнала цевката од притисок. Асфалтот тука е тенок, а секојдневно поминуваат тешки камиони поради изградбата на нови згради. Беше само прашање на време кога ќе се случи вакво нешто,“ раскажува жител на Влае кој живее во близина на местото каде што експлодирала Ф-600 цевката.

Поради дефектот, без вода или со слаб притисок останаа голем број домаќинства во западниот и централниот дел на градот – од Влае, Карпош и Тафталиџе, па сè до Козле и Центар.

Инцидентот се случил на крајот од улицата „Франце Прешерн“ во Влае, во делот покрај реката Вардар. Распуканиот и пропаднат асфалт сведочи за силата на експлозијата, а жителите велат дека вибрациите биле толку интензивни што многумина помислиле дека се работи за земјотрес.

Од ЈП „Водовод и канализација“ соопштија дека дефектот е предизвикан од варијации во притисокот на системот, кои настанале поради неколку краткотрајни прекини на електричната енергија кај бунарите на Лепенец.

„Како резултат на прекините на електромрежата, истовремено се појавија два дефекта на главната водоводна линија Ф-600, како и дефект во шахта на линијата Ф-400 на еден од бунарите. Нашите екипи веднаш интервенираа, а водоснабдувањето постепено се стабилизира со цел да се избегнат нови дефекти и дополнителен притисок врз системот,“ информираат од претпријатието.

Ситуацијата утрово е под контрола, но притисокот во дел од скопските населби сè уште не е целосно нормализиран.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни