Основното јавно обвинителство Куманово побара притвор за 54-годишник осомничен дека се заканувал оти ќе ги запали својата ќерка и внука, по што истурил две шишиња бензин во домот. Против него веќе се води судски процес за телесна повреда на ќерката при семејно насилство, соопшти Обвинителството.
По кривичната пријава од СВР Куманово, обвинителството повело постапка за загрозување на сигурноста. Оттаму посочуваат дека насилничкото однесување на осомничениот се повторува, а претходниот напад врз ќерката, за кој веќе е обвинет, го извршил под дејство на алкохол.
„Дејствијата на загрозување на сигурноста што сега ги презел вклучуваат не само вербални закани дека ќе ги запали ќерката и внуката, туку и конкретни дејствија со кои тој истурил две шишиња бензин во домот“, наведуваат од Обвинителството.
По пријавувањето на настанот итно била изготвена проценка на ризик. Според неа, постои сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство, како и ризик од повторување на насилството.
Обвинителството оценува дека постои оправдан страв осомничениот да изврши и потешко кривично дело, односно да ги оствари заканите.
Поради овие околности, јавниот обвинител смета дека поблага мерка не би ја остварила целта на притворот и до судот доставил предлог за негово определување.