Македонија

Седум жртви на фемицид годинава: Експерти бараат навремена заштита на жените

Седум жртви на фемицид годинава: Експерти бараат навремена заштита на жените

По последната трагедија во Богданци, експерти предупредуваат дека бројот на жртви на фемицид во Македонија годинава достигнал седум и бараат итно подобрување на институционалната заштита. Посочуваат дека секоја пријава за насилство мора да биде проследена со соодветна проценка на ризикот и мерки што ќе ја гарантираат безбедноста на жртвата.

Адвокатката Неда Чаловска Димовска нагласува дека, покрај итната реакција, на жените им е потребна и целосна поддршка, вклучително и економска. Според нејзиното искуство, постојаното одење од една институција во друга и повторното пријавување на насилството може да го загрози и работното место на жртвата.

Таа оценува дека законските измени што се подготвуваат се важни, но дека пресудно е постапувањето на институциите во конкретните случаи. Особено значајно, според неа, е сериозно да се земат предвид сите наводи на жртвите за опасноста во која се наоѓаат.

„Едното без другото нема да доведе до ефикасна заштита“, предупредува Чаловска Димовска, осврнувајќи се на законските промени и нивната примена.

На потребата од итни мерки за спречување и намалување на родово базираното насилство и фемицидот укажува и Европската комисија во извештајот за земјава.

Според изнесените податоци, од почетокот на годинава до септември се регистрирани 1.337 кривични дела поврзани со семејно насилство. Од 1.388 пријавени сторители, 1.278 се мажи, а 110 се жени. Регистрирани се и речиси 4.000 поплаки за семејно насилство.

Од Министерството за внатрешни работи апелираат насилството да не се премолчува. Повикот за пријавување се однесува и на жртвите и на сите лица кои имаат сознанија за вакви случаи.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни