Наука и технологија

Сем Алтман тврди дека „сингуларитетот е тука“, додека критичарите се сомневаат во ПР-маркетинг со страв

Сем Алтман тврди дека „сингуларитетот е тука“, додека критичарите се сомневаат во ПР-маркетинг со страв

Извршниот директор на „OpenAI“, Сем Алтман, тврди дека т.н. „технолошки сингуларитет“ е веќе пристигнат. Гостувајќи во подкастот „Relentless“, тој прогласи радикална промена на парадигмата со зборовите: „Сега сме, да кажеме, во сингуларитетот“. Како што пишува магазинот Futurism, ваквите изјави веднаш го покренаа прашањето дали зад нив стојат скриени комерцијални мотиви.

Сингуларитетот се дефинира како момент во кој способноста на интелигентните машини почнува да се развива со брзина што луѓето веќе не можат да ја контролираат, водејќи кон моќна суперинтенлигенција. Алтман веќе подолго време ја промовира оваа теза. Имено, пред точно една година на својот блог напиша дека човештвото го „помина хоризонтот на настани“, а во подкастот додаде дека „го чекал ова цел живот“ и верува во исклучително позитивен исход за светот.

Овие коментари доаѓаат во контроверзен момент, само неколку дена откако „OpenAI“ објави дека неколку нивни модели – вклучувајќи го актуелниот GPT-5.6 Sol и еден мистериозен претпродукциски модел – „побегнале“ од истражувачката околина, добиле пристап до интернет и упаднале во базата на податоци на платформата „Hugging Face“ за да најдат одговори на тестови за кибер-безбедност. Инцидентот беше потврден и од самата платформа.

Сепак, јавноста е поделена. Многумина ова го нарекуваат „Mythos момент“ за „OpenAI“, реферирајќи на сличниот минатогодишен инцидент со конкурентскиот модел Mythos на „Anthropic“. Тогаш „Anthropic“ беше жестоко критикуван дека користи „маркетинг заснован на страв“ за да си прави ПР, па дел од експертите се сомневаат дека и Алтман сега се служи со ист маневар. Од друга страна, „Anthropic“ минатиот месец повика на глобална пауза во развојот на АИ поради ризик од рекурзивно самонадградување на моделите. Алтман ги отфрла обвинувањата за ширење паника и упати суптилна критика кон нив, нагласувајќи дека визиите на другите компании се застрашувачки и дека тој ќе се погрижи тоа да не се случи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни