Годишната инфлација во Турција достигна ново највисоко ниво во последните 24 години од 83,45 отсто во септември, според официјалните податоци денес, бидејќи растот на цените на суровините продолжува да ги погодува домаќинствата кои веќе се притиснати од високите трошоци за енергија, храна и домување.
Турскиот институт за статистика објави дека потрошувачките цени во септември се зголемени за 3,08 отсто во однос на претходниот месец, пренесува агенцијата АП.
Највисок годишен пораст на цените е забележан во транспортниот сектор од 117,66 отсто, а потоа следуваат цените на храната и безалкохолните пијалоци кои според статистиката пораснале за 93 отсто.
Економските експерти тврдат дека инфлацијата е многу повисока од официјалната статистика, а независна група за истражување на потрошувачките цени денеска процени дека годишната стапка на инфлација е 186,27 отсто.
Турската централна банка повторно ја намали референтната каматна стапка минатиот месец, намалувајќи ја на 12 отсто и покрај растот на цените, падот на лирата и нерамнотежата на тековната сметка. Лирата изгуби повеќе од 50 отсто од својата вредност во однос на американскиот долар откако централната банка почна да ја намалува основната каматна стапка кон крајот на минатата година, додаде АП.
Економистите велат дека зголемената инфлација во Турција е поттикната од неортодоксниот став на претседателот Реџеп Таип Ердоган дека високите трошоци за задолжување доведуваат до пораст на цените, што е спротивно на воспоставената економска теорија. За растот на инфлацијата придонесуваат и руската инвазија на Украина и падот на лирата.
Владата наведува дека се надева оти намалувањето на каматните стапки ќе го стимулира производството и извозот и ќе овозможи да се постигне суфицит на тековната сметка. Претседателот Ердоган рече дека очекува пад на инфлацијата во новата година.