Македонија

Сериозна е состојбата на 76-годишен скопјанец со западнонилска треска

Сериозна е состојбата на 76-годишен скопјанец со западнонилска треска

Седум пациенти кај кои е потврдена западнонилска треска се лекуваат на Клиниката за инфективни болести, а кај еден од нив здравствената состојба и понатаму е сериозна.

Станува збор за 76-годишен скопјанец кој е сместен на одделот за интензивна нега и се наоѓа на респираторна поддршка. Според информациите од директорот на Клиниката за инфективни болести, пациентот веќе една недела се лекува во установата и немал патувања надвор од државата.

Останатите шест пациенти кои се хоспитализирани се на возраст над 60 години. Нивната состојба е стабилна, а само еден од нив претходно патувал во Грција.

Кај сите хоспитализирани е утврдено вирусно воспаление на мозокот и мозочните обвивки, а меѓу најчестите симптоми се висока температура, силна главоболка, дезориентираност и нарушена свест.

Заразата се пренесува преку каснување од инфициран комарец. Инкубацискиот период најчесто трае од три до 14 дена по каснувањето, а кај најголем дел од заразените вирусот поминува без појава на симптоми.

Здравствените власти апелираат граѓаните да преземат мерки за заштита од каснување од комарци, особено во периодите кога нивната активност е најголема.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни