Севернокорејски воени инженери учествуваат во војната во Украина и ѝ помагаат на Русија во употребата на балистички ракети, а некои од нив дејствувале на окупираните територии и биле убиени, изјавиле за „Гардијан“ високи претставници во Киев и Сеул.
Украински извор за британскиот дневен весник изјави дека тие се „зад руските линии, во тимови кои ги поддржуваат системите за лансирање ракети КН-23“. Тие се меѓу загинатите по украинскиот напад на територијата окупирана од Русија во близина на Доњецк минатата недела, додаваат официјални лица.
Гардијан пишува дека иако Русија „веќе имала платеници на своја страна“, доколку воените инженери од Северна Кореја се на терен, тоа ќе биде првпат странска влада да испрати воени трупи да ја поддржат Москва.
Договор за оружје
Јужнокорејскиот министер за одбрана Ким Џонг-Ун им рече на пратениците во Сеул дека е „многу веројатно“ севернокорејските сили да се распоредени да се борат на страната на Русија и подоцна да бидат убиени во нападот.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун минатата година отпатува во Русија на самит со Владимир Путин, каде што ги зајакнаа своите врски со таен договор за оружје. Испораките на муниција од Пјонгјанг беа од витално значење за напредувањето на Русија во источна Украина ова лето.
Андриј Коваленко, шеф на украинскиот центар за сузбивање на дезинформации, во објава на Телеграм изјави дека припадници на Северна Кореја биле убиени во Русија. Неговата организација е дел од Советот за национална безбедност и одбрана.
Украинската армија во средата објави дека уништила севернокорејска муниција во напад на складиште во областа Брјанск. Експертите веруваат дека одењето во војна и дава можност на Северна Кореја да тестира оружје, да стекне борбено искуство за своите војници и да ја зајакне својата позиција со Путин.
„Северна Кореја стекнува борбено искуство“
-Од клучно значење е Северна Кореја, која и достави на Русија многу гранати и проектили, да научи како да ракува со различни оружја и да стекне вистинско борбено искуство. Ова дури може да биде движечки фактор за испраќање на нивните војници да им дадат воена обука – изјави за Гардијан Лим Еул-Чул, професор на Институтот за далечноисточни студии во Сеул.
Се проценува дека Пјонгјанг испорача приближно половина од својата муниција на бојното поле со поголем калибар и ракети КН-23 на Москва оваа година.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли информациите дека Северна Кореја испраќа свои војници да се борат на страната на Русија во војната со Украина.
Пјонгјанг, по десетина санкции на ОН насочени кон нејзините програми за балистички ракети и нуклеарно оружје, се обидува да ги зајакне своите врски со Русија и Кина како дел од сојузот против „западната хегемонија и империјализам“.