Македонија

Шекеринска стана заменик генерален секретар на НАТО

Шекеринска стана заменик генерален секретар на НАТО

НАТО официјално објави дека Радмила Шекеринска, поранешна министерка за одбрана на Северна Македонија, ќе ја преземе функцијата заменик генерален секретар на Алијансата.

„Со задоволство го објавувам именувањето на Радмила Шекеринска за нов заменик генерален секретар. Таа е длабоко посветена на НАТО и има одлично разбирање за процесот на приклучување и значењето на полноправното членство во Алијансата. Со нетрпение ја очекувам нашата соработка“, изјави Марк Руте, генералниот секретар на НАТО.

Пополнувањето на оваа позиција беше приоритет за Руте, кој ја презеде функцијата на 1 октомври. Според неименувани извори од НАТО, имало силен интерес да заменикот биде од Централна или Источна Европа, а воедно да биде и жена.

Во трката за оваа позиција беа и други познати кандидати, меѓу кои поранешната бугарска министерка за надворешни работи Марија Габриел, поранешната претседателка на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ и Оливера Ињац, поранешна министерка за одбрана на Црна Гора.

Шекеринска, која беше министерка за одбрана на Северна Македонија од 2017 до 2022 година, имаше клучна улога во процесот на влезот на нејзината земја во НАТО во 2020 година. Таа ќе ја замени Борис Руге, кој привремено ја извршуваше оваа функција по заминувањето на претходниот заменик генерален секретар Мирчеа Џоана, кој реши да се кандидира за претседател на Романија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни