Адвокатот Петре Шилегов, еден од бранителите во случајот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде загинаа 63 лица, повторно ја критикуваше работата на Обвинителството и предупреди дека грешките во постапката можат сериозно да ја компромитираат правдата.
Шилегов по рочиштето истакна дека судот мора да донесе јасно решение за приговорите на одбраната, бидејќи прашањето не е формално, туку суштинско.
„Станува збор за тоа дали во понатамошниот тек ќе се почитуваат начелата на правичен процес. Во спротивно, целиот предмет може да падне во жалбена постапка,“ рече тој.
Адвокатот потсети дека на минатото рочиште одбраната веќе укажала на истите пропусти, но Општинското јавно обвинителство повторно постапило, како што го оцени, несериозно.
„Тоа е несериозно пред судот, несериозно пред семејствата на загинатите, несериозно пред одбраната и пред обвинетите,“ порача Шилегов.
Тој додаде дека ваквото однесување ја загрозува целта на процесот — виновните да ја понесат одговорноста, а невините да бидат ослободени.
„Со вакво постапување, Обвинителството не остава простор правдата да се оствари,“ заклучи адвокатот.