Иако министерот за здравство, Венко Филипче рече дека Гинеколошката болница „Мајка Тереза“ во Чаир нема да се затвори, сепак првиот човек на Град Скопје, Петре Шилегов не се откажува. Вели дека доколку не се реши проблемот со чадот кој излегува од дотраениот котел на болницата, ќе се стави клуч. Шилегов дециден дека веќе нема простор за преговори, бидејќи како што вели ова е трето предупредување за надлежните институции околу штетата што ја предизвикува оваа болница.
Заменик-министерот за здравство, Асим Муса во синоќешниот дебатен магазин „Клик Плус“, рече дека болницата нема да се затвори. Вети дека денеска ќе се распише тендерот за гасификација преку кој треба да се промени начинот на греење во родилиштето во Чаир.
„Со целосна одговорност велам дека целата документација за објавување на тендерот за гасификација на болницата во Чаир е подготвена и оваа работа ќе заврши официјално утре“, изјави Асим Муса – заменик-министер за здравство.
До почетокот на ова информативно издание, ТВ21 не доби одговор од министерството дали е потпишана тендерската постапка. За овој проект одвоени се 150 илјади евра, инвестиција која Татеши ја нарече смешна, споредувајќи ја со онаа за изградба на Клиничкиот центар на Водњанска.
„За Клиничката болница на Водњанска беа одделени над 80 милиони евра. Беше изготвен проект од позната италијанска компанијата, која излезе дека е лажна. Со ова имаме голема загуба од околу 5-6 милиони евра само за проектот и сега тие 6 милиони испарија. Инвестицијата од 150 илјади евра во Чаир е смешна за една држава“, изјави Беким Татеши – лекар.
Инаку, портпаролот на болницата Илир Шурдани, синоќа се пожали за малиот број вработени. Вели дека доставиле барање до Министерството за здравство и Министерството за финансии за вработување на тројца општи лекари.
РЕПОРТЕРКА: АЛМЕДИНА ИСМАЈЛИ