Водачот на партијата Алтернатива за Германија (АфД), Тино Хрупала, го доведе во прашање членството на Германија во НАТО, велејќи дека Берлин треба да размисли до кој степен Алијансата е сè уште од корист за земјата.
„Досега Европа беше принудена да ги почитува интересите на Америка, а ние тоа го отфрламе“, рече тој во интервју за весникот Велт.
Како што додаде, одбранбената заедница мора да ги прифати и почитува интересите на сите европски земји, вклучително и Русија.
„Ако НАТО не може да го обезбеди тоа, Германија мора да размисли до кој степен оваа Алијанса е сè уште корисна за нас“, рече лидерот на АДФ.
Тој ја повика и германската влада да ја признае победата на Русија во војната во Украина.
„Русија победи во оваа војна“, рече Хрупала, додавајќи дека реалноста допре до оние кои тврдат дека сакаат да и овозможат на Украина да победи во војната.
Според него, владата мора конечно да дојде до моментот кога сака да стави крај на таа војна.
Зборувајќи за претходните изјави дека Германија може да ја контролираат други, лидерот на АфД рече дека кога ќе се земе предвид како реагираше владата на нападот на Северен тек со гласна тишина, треба да се запрашате до кој степен Германија е суверена земја.
„Гледам владини одлуки, на пример за набавка на гас и суровини, кои не се резултат на суверенитетот и германскиот личен интерес. Во војната во Украина ги застапуваме интересите на трета страна како доброволен донатор на пари и оружје“, заклучува тој, пишува Танјуг.