Четири тела се пронајдени во реките во областа на Карловачката жупанија во Хрватска, соопшти денес, 10 мај, Полициската управа во Карловац.
Реките за кои станува збор се Купа и Мрежница, објави Индекс.
Како што е објавено, првата пријава дошла вчера околу пладне, кога граѓанин пријавил во полиција дека забележал мртво тело во Купа во близина на населбата Срачак.
Полициските службеници излегле на терен, а припадници на Планинската спасувачка служба го извлекле телото на непознат маж од реката, јавува Танјуг.
На местото на настанот е спроведена истрага.
Извештај од словенечката полиција
Подоцна попладнето, полицијата добила пријава од словенечката полиција дека уште две безживотни тела на непознати мажи се забележани во реката Купа во селото Горње Прилишќе, во општина Нетретиќ.
Полициските службеници, заедно со пожарникари од Словенија, ги извлекле телата на брегот, по што е спроведена истрага на лице место.
Вечерта, примена е уште една пријава од граѓани, овој пат за тело во реката Мрежница во градот Горњи Звечај.
Телото на непознат маж било извлечено од реката од страна на членови на Планинската спасувачка служба, а полицијата потоа спроведе истрага на лице место.
Полициската управа Карловац објави дека се во тек понатамошни кривични истраги и обдукции за да се утврди точната причина за смртта и идентитетот на сите пронајдени.