Државниот секретар за федерални и европски прашања на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија, Марк Шпајх, за Дојче Веле изјави дека е неопходно да се забрза процесот на пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ и дека е разбирлива растечката фрустрација меѓу македонските граѓани во врска со овој процес. Шпајх посочи дека Германија треба да се ангажира за забрзување на пристапниот процес.
„Можете да почувствувате тој скептицизам и растечката фрустрација поради процесот на пристапување кон ЕУ. Искрено, има основа за тоа. Процесот трае 20 години и сè уште нема конечен исход, што предизвикува фрустрација. За мене е многу разбирливо. Најдобриот начин да се напредува е да се забрза процесот, и мислам дека тоа треба да го направи ЕУ. Се разбира, има и одредени вето играчи и целата таа сложена ситуација. Но, мислам дека тука треба да ја примениме политичката моќ, а Германија треба да игра клучна улога во надминувањето на тие пречки. Единствениот начин да се спречи фрустрацијата е да се заврши процесот на пристапување, а завршувањето за мене значи членство,“ изјави Шпајх во разговор за ДВ на македонски јазик.
Шпајх неделава беше во дводневна посета на Скопје, каде имаше средби со највисоките политички и економски претставници, а се сретна и со група млади новинари кои учествуваат во проект за борба против дезинформации финансиран од владата на Северна Рајна-Вестфалија.
Тој истакна дека Германија нуди бројни можности за младите од Северна Македонија, но со фокус на тоа да се избегне „одлив на мозоци“.
„Нудиме пракса во германски компании, но не за да им понудиме можност да останат во Германија, туку за да ги вратиме како амбасадори на можностите што постојат овде во однос на економските активности. Се работи за можности за отворање производство во Македонија и за подобро поврзување на нашите стопанства. Веќе гледаме дека тоа се случува. Некои од оние кои стажирале во Германија сега се вработени во подружници на тие компании овде. Овие врски сè уште се развиваат и не се толку големи, но мислам дека тоа е подценето во нашиот регион,“ вели Шпајх.