Свет

Шпанскиот премиер во Давос најави преговори со Путин

Шпанскиот премиер во Давос најави преговори со Путин

Шпанскиот премиер Педро Санчез повика на преговори со рускиот претседател Владимир Путин за ставање крај на војната во Украина во коментарите на Светскиот економски форум во Давос, јави ДПА.

„Важно е да се одржи контакт и со Путин“, изјави Санчез вчера во Давос.

„Силно се залагам, на пример, француската влада и германската влада… да го преземат водството овде“, изјави тој за Си-Ен-Ен.

Според него, можно е враќање на преговорите со учество на Германија, Франција, Русија и Украина во норманскиот формат воспоставен пред почетокот на војната.

Останатите земји-членки на ЕУ би ги поддржале Париз и Берлин во таква иницијатива, рече Санчез.

Запрашан дали Путин може да ја протолкува подготвеноста на Западот да разговара како „слабост“, Педро Санчез рече: „Не, не мислам така“.

Претходно, министерот за надворешни работи на Шпанија, Хозе Мануел Албарез, изрази резервираност за можното снабдување со борбени тенкови Леопард од неговата земја за Украина.

Коментарите ги одразуваат разликите на оваа тема во шпанската влада, забележа ДПА. Левичарската шпанска социјалистичка работничка партија на Санчез соработуваше со помалата, полевичарска партија Обединети можеме (Унидас Подемос), која ги критикуваше испораките на оружје за Украина.

Во јуни, според извештаите на медиумите, Шпанија размислувала за испораки од постариот тип – 2 А4 Леопард. Педесет и три од овие тенкови се деактивирани и се складирани во објект во Сарагоса од 2012 година.

По неколкунеделни шпекулации за оваа испорака, шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес во август изјави дека тенковите се во „апсолутно лоша состојба“ и дека повеќе не можат да се поправаат. Ова предизвика чудење во воените кругови, наведува агенцијата.

Шпанија има вкупно 108 тенкови Леопард 2 А4 и 229 тенкови Леопард 2Е – верзија на 2А6 прилагодена на шпанските барања, потсетува ДПА.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни