Македонија

Што содржат програмите на кандидатите за шеф на ОЈО ГОКК?

Што содржат програмите на кандидатите за шеф на ОЈО ГОКК?

Петмина кандидати за нов шеф на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги претставија своите програми пред Советот на јавните обвинители. Во фокусот на нивните најави беа борбата против организираниот криминал, високата корупција, перењето пари, ефикасноста и зајакнувањето на капацитетите на обвинителството.

Безкомпромисна борба против организираниот криминал и високата корупција најавија петтемина кандидати за нов шеф на ОЈО ГОКК, кои денеска ги изложија своите приоритети пред Советот на јавните обвинители.

Фатон Азизи, актуелен обвинител во Обвинителството за организиран криминал и корупција, се заложи за зајакнување на истражниот центар и за посилен фокус врз перењето пари, особено преку градежништвото, криптовалутите и другите форми на пренос на средства. Тој посочи дека „сите ние сме свесни дека околу нас се гради масовно“ и оцени дека „малку треба повеќе внимание да се вложува во тој дел“, додавајќи дека „масовното внесување на парични средства, особено преку валутите, електро-електро валутите стануваат сè поголем проблем во нашето општество“.

Трајче Пеливанов, обвинител во скопското Вишо јавно обвинителство, истакна дека негов приоритет ќе биде независно, самостојно и транспарентно обвинителство, кое ќе постапува навремено, одлучно, законито и професионално. „Мојата програма се темели на јасна визија. Ова обвинителство да биде независно, професионално и ефикасно, способно да ги истражува најсложените форми на организираниот криминал и високата корупција, но и да ја открива, обезбедува и одзема криминалната корист кога се исполнети законските услови за тоа“, рече Пеливанов.

Лидија Рајчевиќ, обвинителка од скопското Јавно обвинителство, нагласи дека на обвинителството му се потребни стручност и поголема проактивност во откривањето на кривични дела. Според неа, „она што јавниот обвинител мора да го испорача, тоа е квалитет на строга, стегната, здрава и правилна јавно обвинителска работа“, додавајќи: „Јас тоа го нудам.“

Искра Хаџивасилева, обвинителка од Обвинителството за организиран криминал и корупција, смета дека институцијата има потреба од човечки и материјални ресурси, како и од дигитализација. Како клучни приоритети ги наведе „подобрување на ефикасноста и оживноста во постапувањето, финансиските истраги и конфискација на имот, зајакнување на капацитетите и дигитализација, како и транспарентност и јавна доверба“.

Јован Цветановски од скопското Вишо јавно обвинителство ја потенцираше потребата од поголема ефикасност во истрагите за висока корупција и перење пари. Во неговата програма се вклучени намалување на бројот на стари и нерешени предмети, целосна организација и јакнење на кадровите на стручниот истражен центар, како и „проактивно делување на ОЈО за ГОК, наместо реактивно постапување од порание“.

Кој ќе седне на местото на Исламабад ќе биде познато на 28 октомври.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни