Од Северна Македонија си заминавме со позитивни чувства, имавме одлична соработка, драго ни е што помогнавме и бевме корисни за луѓето, истакна Андреас Антониу, шеф и координатор на кипарската мисија која учествуваше во гаснењето на пожарите кај нас, а паралелно изрази надеж дека создадената позитивна атмосфера ќе придонесе за подобрување на односите меѓу двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.
Во периодот од 7 до 14 август два авиони од типот „Air Tractor“ со четворица членови на екипажот и пет лица за копнена поддршка од Кипар, во рамките на помошта од ЕУ механизмот за цивилна заштита, учествуваа во справувањето со огнената стихија во Северна Македонија.
Осврнувајќи се на пожарите во Северна Македонија, рече дека биле од големи размери „видовме имотот како стануваат пепел“ и дека интервенирале во подрачја каде што огнената стихија била директна закана за имотите и човечките животи.
– Првиот ден не информираа дека има 38 пожари, во земја која е два и пол пати поголема од Кипар, истакна Антониу и додаде дека пожарите предизвикаа огромна еколошка катастрофа, но и директно влијание врз животот на луѓето.
Паралелно истакна дека „жално е да ги гледаме шумите како се губат и природата да се уништува, поради нашата сопствена небрежност, невнимателност и/или намера“, додавајќи дека „мора сите да сфатиме дека со заштитата на животната средина во која живееме, ги штитиме и нашите животи“.

