Breaking ФОТО И Армијата се вклучи во расчистување на последиците од невремето
Македонија

Сиљановска-Давкова: Македонско-индиската економска соработка има голем потенцијал, целта е трговска размена од 500 милиони долари

Сиљановска-Давкова: Македонско-индиската економска соработка има голем потенцијал, целта е трговска размена од 500 милиони долари

Македонија и Индија треба да ја продлабочат економската соработка и да отворат нови можности за бизнис-поврзување, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Македонско-индискиот бизнис форум што се одржа во рамки на официјалната посета на индиската претседателка Друпади Мурму.

Сиљановска-Давкова оцени дека посетата на индиската претседателка претставува силен поттик за нова динамика во економските односи меѓу двете држави и за поголемо поврзување на бизнис-заедниците.

„Економскиот подем на Индија и визијата „Виксит Бхарат 2047“ природно се надоврзуваат на македонската „Национална развојна стратегија 2024-2044“, како цврста основа за долгорочно партнерство“, истакна Сиљановска-Давкова.

Таа посочи дека актуелниот обем на трговска размена не го одразува целосно потенцијалот на економската соработка, имајќи ги предвид добрите политички односи меѓу двете земји.

Како можности за продлабочување на соработката ги издвои автомобилската индустрија, фармацијата, металургијата, прехранбената индустрија и дигиталните технологии.

Претседателката нагласи дека стабилните макроекономски показатели, растот на индустриското производство и отпорноста на македонската економија се важни фактори за привлекување нови инвестиции.

„Индија, како еден од глобалните двигатели на индустрискиот, технолошкиот и дигиталниот развој, и Македонија како порта кон европскиот пазар, се комплементарни економски партнери“, рече Сиљановска-Давкова.

Таа ги повика македонските компании поактивно да ги искористат можностите што ги нуди индискиот пазар и посочи дека целта е во следните пет години трговската размена меѓу двете држави да достигне најмалку 500 милиони американски долари.

Индиската претседателка Друпади Мурму изрази уверување дека форумот ќе отвори нови идеи и можности за соработка, посочувајќи ги дигиталните иновации, вештачката интелигенција, здравството и преработката на храна како области со потенцијал за инвестиции.

На форумот учествуваа и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Во рамки на настанот се одржаа билатерални средби меѓу институциите, стопанските комори, како и B2B и B2G состаноци меѓу претставници на компаниите.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни