За заедничката резолуција беа поднесени 17 амандмани кои се однесувааа на бришење на тоа дека Северна Македонија и Албанија беа блокирани од Франција Данска и Холандија. Меѓу другото грчките европатеници од Сириза изразија разочараност за непочнување на преговорите и бараа да се вметне во резолуцијата дека историскиот Договор од Преспа со Грција го реши долгогодишниот спор и обезбеди регионална соработка и добрососедски односи во регионот. Следниот самит е во мај идната година во Загреб. За време на гласањето еден од пратениците прокоментира дека Макрон со ваквиот потег го урива кредибилитетот на Европската унија.
„Одговорноста на францускиот претседател Емануел Макрон со отфрлањето на отворање на преговорите и на проширувањето има штетно влијание врз кредибилитетот на Европската унија“, вели европски пратеник.
По гласањето дел од европските пратеници во своето кусо образложение за поддршката на Македонија и Албанија во отворањето на преговорите главно истакнаа дека со блокирањето на двете земји е направена голема стратегиска грешка и дека Европската унија треба да го задржи влијанието на Западен Балкан.
„Овие држави ќе станат скептични кон европската перспектива. Граѓаните на овие држави навистина им е потребна оваа перспектива. Северна Македонија неодамна го потпиша договорот со Грција за името на државата. Во овој контекст дозволете ми да нагласам дека Европската унија не смее да го изгуби влијанието на Балканот.“, рече Михаела Шојдорова од ЕПП.
„Не можам да ја прифатам француската позиција. Не само затоа што мојата земја Словенија и Северна Македонија претходно беа во заедничка држава и бидејќи мојата мајка е од Северна Македонија, јас сум разочарана како личност која што знае што значи да имаш ветување и да направиш се што е барано и потоа ништо. Отворањето на преговорите би било сигнал дека Северна Македонија и Албанија се на вистинскиот правец.“, вели Јовева, европратеник од Словенија.
Резолуцијата беше поднесена од 58 европратеници, кои изразија длабоко разочарување од неможноста на Унијата да почна пристапни преговори со оглед на тоа што и Северна Македонија и Албанија направија значителни напори во исполнувањето на европските барања. Следниот самит на Унијата е во мај 2020 година во Загреб.