Македонија

Скандал со пензискиот фонд! Битиќ: Владата не е таа што треба да ги враќа парите

Министерството за труд и социјална политика до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против непознат сторител. Случајот се однесува за околу 12 илјади граѓани, на кои не им бил уплатен пензискиот надомест во вториот столб од страна на Пензискиот фонд. Заедно со кривичната пријава доставени се и документи од анализите на пензискиот систем со кои се откриени нерегуларности во распределбата на придонесите.

„Темелните анализи на пензискиот систем што ги направи Министерството за труд и социјална политика со Меѓународните финансиски институции за првпат после цели 12 години, открија неправилности во распределувањето на придонесите за дел од идните пензионери. Она што го откривме е дека за околу 12.000 осигуреници уплатените придонеси останале само во државниот пензиски столб, односно за нив воопшто не се распределувале средства во приватниот (втор) столб, иако ги исполнувале законските услови за ова. На овој начин директно им се скратува правото на овие луѓе да остварат пензија во целост.“ – МТСП

Во меѓувреме за бришење на овие долгови кон граѓаните, а за обесштетување на оштетените вработени, Владата обезбеди 19 милиони евра. За ова, економскиот експерт Фатмир Битиќи, кој воедно е и советник во владиниот кабинет, смета дека овие трошоци не треба да ги покрива Владата, туку тие кои што ги земале парите.

„Предметот оди во Обвинителство и обвинителството е тоа што ќе ги преземе сите мерки, и судовите и судскиот систем треба да овозможи овие пари да се вратат. Во земја каде владее правото, Владата всушност не треба да се занимава со враќање на парите на оние на кои требало да им бидат исплатени, Владата само создава механизми нештата да се идентификуваат а судството и обвинителството треба да преземат други мерки, вели Фатмир Битиќи, советник во Владата.

Од Агенцијата за надзор на пензиското осигурување со капитално финансирање, известија дека ќе ги известат членовите на пензискиот систем за нивната распределба во соодветните фондови и за средствата кои ќе се префрлат на нивните пензиски сметки, вклучувајќи го и надоместокот за ненавремената исплата.

РЕПОРТЕР: ВАЉМИРА ЗЕНДЕЛИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни