Цените на путерот, чоколадото и кафето во Германија поставија нови рекорди, а значително се зголемија и цените на некои осигурувања, парно и разни услуги. Сепак, не е се така црно.
Широк спектар на новогодишни колачи веќе се печат низ цела Германија. И без разлика каков вид ќе изберете, речиси сè бара путер. А за некои дури и многу путер…
Ваквите колачи ќе бидат значително поскапи овој Божиќ.
Имено, во однос на лани путерот поскапе за цели 38,9 отсто и сега чини од 2,39 евра па нагоре. Експертите очекуваат натамошен раст на цените, меѓу другото и затоа што понудата е помала, а побарувачката се зголемува.
И ако не можат без чоколадо во овој предбожиќен период, германските граѓани за тоа задоволство ќе треба да издвојат во просек 9,5 отсто повеќе отколку пред минатиот Божиќ.
Лоши вести за љубителите на кафе
Поскапувањето на путерот е најзабележлива промена на потрошувачките цени во ноември. Според пресметките на Германскиот сојузен завод за статистика, ниту еден друг производ не забележал толку висок пораст на цената.
Лоши вести доаѓаат и за оние кои не можат да замислат колачи без шолја кафе. Кафето достигна највисока цена во последните 50 години, а се најавуваат натамошни поскапувања.
Главната причина се неповолните временски услови.
Експертите велат дека за тоа се виновни климатските промени, па Бразил, најголемиот светски производител на кафе, се соочува со зголемени горештини и суши, а Виетнам, кој е на второ место по производство, е погоден од големи поплави.
Од прехранбените производи поскапеле и маслиновото масло (13,3 отсто) и овошните сокови (11,2 отсто).
Има и добри вести…
Но, не е сè толку црно. За колачи се бара и шеќер и брашно, а цената им е намалена за 23 (шеќер) и 5,9 отсто (брашно) во однос на ноември минатата година.
Генерално, растот на цената на храната во Германија значително забави. Цените на храната во ноември се повисоки за 1,8 отсто во однос на истиот период лани, што е под вкупната стапка на инфлација од 2,2 отсто.
Поскапо осигурување и парно
И додека храната во просек повеќе не поскапува толку драстично како во изминатите месеци, останатите трошоци значително се зголемија.
Така, сопствениците на моторни возила сега треба да плаќаат просечно 34,8 отсто повеќе за осигурување, а греењето во просек е за 30,7 отсто поскапо за корисниците на топланите, објави Федералното биро за статистика.
Ниту оние кои претстојните празници нема да ги поминат дома не беа поштедени од поскапувањата: меѓународните авионски билети чинат во просек 10,5 отсто повеќе од пред една година.
За растот на вкупната инфлација во ноември придонесоа и цените на услугите, кои беа за четири отсто повисоки од претходната година.
Загриженост за инфлацијата
Постојано високата базична инфлација може да ја загрижи и Европската централна банка (ЕЦБ), која сака да ја намали на два отсто во еврозоната на среден рок.
За годинава ЕЦБ предвидува инфлација од 2,5 отсто. Сепак, експертите очекуваат негов пад следната година, благодарение на побавниот раст на трошоците за работна сила.
Дополнително, поради слабата општа економска состојба, на германските компании би можело да им биде се потешко да ги префрлат своите зголемени трошоци на клиентите и корисниците на услугите, оценува главниот економист на Комерцбанка, Ралф Золвен.
„Со оглед на тоа што се очекува сличен тренд во еврозоната, развојот на цените веројатно ќе ја поттикне ЕЦБ дополнително да ја намали основната каматна стапка.
Претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард овој четврток ќе ја објави одлуката за клучните каматни стапки.
Финансиските пазари веќе очекуваат намалување од 0,25 отсто, додека некои експерти веруваат дека е можен поголем потег, кратење од 0,5 процентни поени.