Град Скопје влегува во нова фаза на модернизација на јавниот превоз, откако градоначалникот Орце Ѓорѓиевски одржа работна средба со проектантите на БРТ (Bus Rapid Transit) системот, каде беа презентирани клучните технички решенија и концептот на идниот транспортен модел.
На состанокот детално се дискутирало за трасите, начинот на функционирање и придобивките од системот, кој треба да донесе побрз, поефикасен и поеколошки јавен превоз за граѓаните.
По средбата, Ѓорѓиевски најави воведување на современ автобуски систем кој ќе функционира како „метро на тркала“, со посебни ленти за движење, приоритет на раскрсници и висока фреквенција на возила, што ќе овозможи навремен и сигурен транспорт низ градот.
Проектот предвидува две главни линии – Исток–Запад и Север–Југ, како и користење на модерни нископодни автобуси со CNG или хибриден погон. Дополнително, ќе бидат поставени паметни станици и информативен систем за патниците, а целиот систем ќе биде интегриран со управувањето на сообраќајот.
Особен акцент беше ставен на заштитата на животната средина. Беше посочено дека трасата нема да минува низ средишното зеленило, со што се зачувуваат важни природни ресурси, вклучително и системите за водоснабдување. Наместо тоа, автобусите ќе се движат по крајните сообраќајни ленти, а дополнително ќе се засади ново зеленило.
Со имплементацијата на БРТ системот се очекува значително намалување на сообраќајниот метеж, побрзо движење низ градот и намалување на загадувањето, што го позиционира проектот како една од клучните инвестиции за иднината на Скопје.
