Македонија

Скопје се гуши: Неколку пожари целосно го прекрија градот со чад!

Скопје се гуши: Неколку пожари целосно го прекрија градот со чад!

Скопје утринава се разбуди под густ облак од чад и пепел, што се шири низ целата котлина. Градот е буквално прекриен со сива магла, а пепелта се чувствува и во воздухот и на прозорците на домовите.

Причината за оваа драматична слика се големите пожари кој избувна на неколку локации низ Скопје, а една од нив е и депонија во Визбегово. Според информации од терен, гори огромна површина со отпад, а чадот се шири во сите правци, поттикнат од ветерот и високите температури.

Освен во Визбегово, попладнево пожар избувна и во скопската населба Ѓорче Петров, каде густ чад целосно го прекри влезот и излезот од градот.

Истовремено, нови пожари се активни и на северот од градот. Градоначалникот на Чучер-Сандево, Сашко Комненовиќ, со драматичен апел повика на мобилизација на жителите:

„Имаме активен пожар во село Бразда и над црквата во Чучер. Сите што се машки и подвижни, нека земат алат и нека излезат да помогнат во гаснењето на пожарот. Се молат сите, колку што може, да излезат по масовно и да се спасиме од оваа стихија“, порача Комненовиќ преку социјалните мрежи.

Камерите на жичарницата Милениумски крст го доловуваат размерот на загадувањето – чадот јасно се гледа како се издига над градот и се шири низ скопската котлина. Воздухот е тежок за дишење, а граѓаните пријавуваат печење во очите и грлото.

Надлежните служби сѐ уште се на терен.

Граѓаните бараат итна интервенција и системско решение, предупредувајќи дека ова не е првпат Скопје да се гуши во сопствениот отпад. Во меѓувреме, им се препорачува да не излегуваат без потреба, особено лицата со хронични заболувања и децата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни