Македонија

Во Музејот на Град Скопје потсетување на 62 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје

Во Музејот на Град Скопје потсетување на 62 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје

Скопје утре ја одбележува 62-годишнината од разорниот земјотрес што на 26 јули 1963 година го погоди градот и засекогаш го промени неговиот лик. Во потресот животите ги загубија 1.070 лица, а повеќе од 3.000 беа повредени. Над 200.000 граѓани останаа без покрив над главата.

Во чест на жртвите и како потсетување на трагедијата што го урна, но и обедини градот, вечерва во 20 часот во Музејот на Град Скопје ќе биде отворена изложбата „Скопје за време на земјотресот и потоа“. Поставката, која ќе биде од траен карактер, ќе биде достапна за сите посетители.

Разорниот земјотрес се случи во 5 часот и 17 минути наутро, а следени беа и неколку помали потреси до 5:43 часот. Беа целосно урнати 15.800 станови, додека 28.000 беа тешко оштетени.

Катастрофата во Скопје претставуваше не само еден од најтешките удари во историјата на градот, туку и пример на светска солидарност. Хуманитарна помош пристигна од сите страни на светот. Обединетите нации прогласија 27 септември за „Ден на Скопје“, кога Генералното собрание даде приоритет на помошта за разурнатиот град. Подоцна, на 14 октомври 1963, беше усвоена и резолуција за реконструкција на Скопје, со поддршка од претставници од над 20 земји.

Скопје, град кој низ историјата повеќепати бил разрушуван и обновуван, го преживеа и овој трагичен момент. Историскиот Скупи, претходникот на Скопје, бил разурнат од земјотрес во 518 година, а нов катастрофален потрес го погодил градот и во 1555 година.

Земјотресот од 1963 година, со јачина од 6 степени според Рихтер, или 9 според Меркалиевата скала, имал епицентар во близина на денешниот Плоштад „Македонија“. 62 години подоцна, Скопје се сеќава не само на загубата, туку и на храброста, солидарноста и повторното раѓање од урнатините.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни