Денеска се одбележуваат 62 години од кобните 20 секунди кои го разрушија главниот град на Македонија.
Имено, на денешен ден 26.07.1963 година точно во 05:17 часот Скопје бил погоден од катастрофален земјотрес со јачина од 9 степени по Меркалиевата скала (6,1 според Рихтеровата сеизмичка скала).
Траел точно 20 секунди, со помали потреси до 5 часот и 43 минути.
Под урнатините животот го загубиле 1.070 граѓани, меѓу кои имало и деца. Повредени биле околу 2.900 луѓе, од кои што 1.110 биле тешко повредени, а околу 800 луѓе останале инвалиди.
Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000.
Првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики, а неколку дена по земјотресот започнала да пристигнува помош и спасувачки екипи од целиот свет. Точно 87 нации од светот испратиле помош во Скопје и помогнале градот да се изгради повторно, поради што го носи и епитетот „град на солидарноста“.
Денеска, и по 60 години од овој катастрофален скопски земјотрес, сѐ уште се свежи сеќавањата на оние кои ја преживеале големата несреќа. Иако поминало повеќе од половина век, граѓаните раскажуваат за разурнатите домови и објекти кои ги снемало во дел од секундата пред нивните очи.
Инаку, во својата долга историја, Скопје повеќепати пропаѓал и одново се раѓал.