Тони Пигуловиќ, пожарникар од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, веќе 48 часа неуморно се бори со огнената стихија што го зафати скопскиот регион. Без одмор, со малку вода и уште помалку сон, тој е на терен заедно со своите колеги, да го спаси тоа што може да се спаси – шума, објекти, домови, човечки животи.
Скопските пожарникари со денови се ангажирани на неколку фронта во периферијата на градот, каде што гори шумска и нискостеблеста вегетација, запалени депонии и објекти во индустриски зони. Теренот е непристапен, временските услови неповолни, а пожарите – сè поопасни.

Според последното соопштение од Центарот за управување со кризи (ЦУК), на 9 јули 2025 година до 18:00 часот, на територијата на државата се евидентирани вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои 21 се сè уште активни, а 4 се изгаснати. Во Скопје се бележат шест активни жаришта, кои постојано се следат и се гаснат со огромни напори.
Тони Пигуловиќ е симбол на пожртвуваност и храброст – човек што не прашува колку е опасно, туку каде најмногу треба. Заедно со него, бројни пожарникари, волонтери и служби деновиве ги даваат своите максимум во најжешката битка – онаа против огнот.
Македонија има свои херои – и тие носат шлемови, а не наметки.