Без оглед на тоа кој ќе стане претседател на Бугарија, не треба да се очекува значителна промена на позицијата на Софија кон Северна Македонија, оценува новинарот Румен Скрински од Aktualno.com во разговор за „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Според него, водечките претседателски кандидати во кампањата не навестиле отстапување од досегашната државна политика кон земјава.
„За време на кампањата не слушнав ниту една од водечките двојки, според социолошките истражувања, да смени некаков став во однос на државната позиција на Бугарија кон Република Северна Македонија“, вели Скрински.
Тој смета дека Софија ќе продолжи да инсистира на францускиот предлог и на почитување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
„Не очекувам, без оглед кој ќе стане претседател на земјата, да има некаква значителна промена“, посочува тој.
Во однос на европската интеграција на Северна Македонија, Скрински оценува дека бугарскиот пристап ќе остане условен од исполнувањето на барањата што ги поврзува со билатералните договори и со преговарачката рамка со Европската Унија.
Неговата проценка е дека изборот на нов шеф на државата сам по себе нема да донесе пресврт во односите меѓу Софија и Скопје.